
Во хокејот на мраз, поради брзината и динамичноста на играта, вистинска реткост е една екипа да приреди исклучиво дефанзивна игра.
Сепак, Нефтехимик Нижнекамск, во воведниот денешен термин од КХЛ, применувајќи ја оваа тактика, ја прекина серијата од пет победи на Трактор Чељабинск.
Имено, во ,,Трактор Арена”, составот од Нижнекамск славеше со минимални 0-1, иако имаше само 12 шутеви кон противничкиот гол.
Од друга страна, хокеарите на Трактор упатија 31 удар во рамките на мрежата на Александер Судницин, но Русинот успешно дојде до својот прв овосезонски шут-аут.
Херој за гостинскиот состав на овој натпревар беше воедно и единствениот голгетер, Рафаел Бикмулин, кој се запиша во листата на стрелците по петти пат во сезоната.
Трактор, со овој пораз, остана на второто место на Истокот и изгуби шанса да се искачи на врвот, додека Нефтехимик ја зазема осмата позиција.



