
Во шеснаесеттото коло од англискиот Чемпионшип, Фулам ја запиша највисоката овосезонска победа, откако го декласира Блекбурн со 0-7.
Фудбалерите на Марко Силва влегоа експресно во дуелот и веќе после дваесет минути водеа со 0-2 преку Неескенс Кебано (6′) и Александар Митровиќ (19′).
За Митровиќ, овој погодок беше деветнаесетти на вкупно шеснаесет лигашки средби, кој убедливо го држи на првото место на листата на стрелците.
Веднаш зад него, со дванаесет голови, е пласиран напаѓачот на Блекбурн, Бен Бреретон, кој немаше шанси да му се доближи на Србинот, откако неговиот тим остана со десетмина на теренот, поради директниот црвен картон на Жан Пол ван Хеке (29′).
Блекбурн успеа да се одбрани до крајот на првиот дел, но во второто полувреме, Митровиќ двапати му асистираше на Хари Вилсон (54′, 58′) за експресни 0-4.
Во продолжение, вториот гол на мечот го постигна и Кебано (79′), а дваесетгодишниот резервист од клупата, Родриго Муниз Карваљо (81′, 90+1′), двапати стрелаше за поставување на конечниот резултат.
Блекбурн испушти шанса за влез во плејоф-зоната и падна на дванаесеттото место на табелата, додека Фулам е второпласиран со два бода заостаток во однос на лидерот Барнмут.



