
После цели тринаесет години, Чикаго Вајт Сокс синоќа одиграа плејоф натпревар на домашен терен.
Имено, во третиот меч од четврт-финалната серија против Хјустон Астрос, Вајт Сокс славеа со 12-6 и ја спасија првата ,,меч-топка”.
Гостите од Тексас фуриозно го започнаа и овој меч, па веќе после два и пол ининзи водеа со 1-5.
Сепак, во останатиот дел од мечот, домаќините беа поуспешни со 11-1, откако на сцена стапи одличниот напад.
Од победничкиот состав, Јасмани Грандал и Леури Гарсија (+1) забележаа по еден хоум-ран, а со трчање поентираа Тим Андерсон (х2), Луис Роберт (х2), Јоан Монкада (х2), Гавин Шитс, Хозе Абреу и Ендру Воган.
На спротивната страна, Кајл Такер освои еден хоум-ран и еден поен со трчање, а останатите што предизвикаа промени на семафорот беа Јордан Алварез, Карлос Кореа (х2) и Хозе Алтуве.
Четвртиот и потенцијално последниот меч од оваа серија ќе биде одигран вечерва, на истиот стадион, ,,Гарантид Рејт Филд”, со почеток од 21.37 часот.



