
Форест Грин Роверс го запишаа вториот овосезонски лигашки пораз, воедно втор на домашен терен и втор со резултат од 0-2.
Во единаесеттото коло од Лиг 2, момците од Неилсворт примија лигашки гол за првпат после пет натпревари и загубија со 0-2 од Свиндон Таун.
На мечот, двете екипи пружија еднаква игра, која премина во корист на гостите со головите на двата ,,најистурени” напаѓачи – Хари МекКирди (54′) и Тајрис Симпсон (81′).
Во четвртата минута од судиското продолжение Џош Марч имаше прилика да постигне почесен погодок за Форест Грин, но неговиот пенал беше одбранет од голманот на Свиндон – Луис Ворд.
,,Ќе се соочиме со поразот, ќе ја научиме лекцијата и знам дека ќе се вратиме на победничките патеки.” – се огласи тренерот на домаќините, Роб Едвардс, после натпреварот.
На табелата, Свиндон скокна на второто место со натпревар повеќе во однос на конкурентите, додека Форест Грин остана на врвот и покрај поразот.



