
Екипата на Ипсвич, која е едно од главните разочарувања во Лиг 1, во вчерашното деветто коло, успеа да ремизира со 1-1 против Шефилд Венздеј.
На стадионот ,,Портман Роуд”, пред 21 338 гледачи, гостите од Јоркшир стигнаа до предност од 0-1 со евроголот на Денис Адениран (26′), кој се запиша во листата на стрелците по вторпат сезонава.
Овој резултат беше активен сè до последната минута од регуларниот дел, кога домаќините го искористија тешкиот кикс на Бејли Пикок-Фарел.
Поранешниот голман на Лидс и на Барнли во потполност се ,,исклучи” од натпреварот и, во својот шеснаесетник, ја остави топката пред него без да биде свесен дека од заседа го чека Меколи Бон.
Напаѓачот на Ипсвич ја украде топката, подаде кон Скот Фрејзер, кој му направи асистенција на Конор Чаплин за четврто реми на ,,Трактор Бојс” во тековната сезона.
Седмиот бод после девет кола сè уште не му помогна на Ипсвич да излезе од ,,црвената” зона, а од друга страна, Венздеј падна на единаесеттото место со два поени заостаток во однос на позициите што водат во плејоф.



