
По вторпат од формирањето на англиското првенство во Т20 крикет, односно за првпат после 2007, со титула од ова натпреварување замина екипата на Кент Спитфајрс.
Синоќа, Спитфајрс во финалето славеа над Сомерсет со резултат од 167/7 – 142/9 и ја оправдаа првата позиција во јужната дивизија после регуларната сезона.
Во првиот ининг, од удирачите на новите шампиони, најдобри статистики имаа англискиот репрезентативец, Зек Кроули (41) и Џордан Кокс (58*).
Од фрлачите на Сомерсет се истакна само Релоф ван дер Мерве со учинок од 3-19 и со економија од 4,75.
Во вториот ининг, кога удираа крикетарите на поразениот состав, над дваесет поени постигнаа само Том Абел (26) и Вил Смид (43), додека три викети за Кент освои Џоу Денли (3-31).
На патот до финалето, во плејофот, Спитфајрс славеа над Бирмингем и над Сасекс, а Сомерсет ги елиминираше Ленкашир и Хемпшир.



