Ако основното идејно мото на овогодишната „Златна Бубамара на популарноста“ беше „Да ги наполниме батериите на ефтина струја“, тогаш креативното мото на ова 26-то издание на омилената манифестација беше рефренот на Блага Петревска „Песната е да ти каже што не може – душата“. Најмногу низ песна, но и низ шега и иронија, на скапа и на ефтина струја, ја прегледавме годината што ја оставаме зад нас, не штедејќи се себеси од работа и не штедејќи ја публиката – од смеење.
Долгогодишниот церемонијал-мајстор на Златната бубамара Сашко Коцев годинава, по сопствен избор, не ја водеше манифестацијата, но уредно беше спомнат од своите наследници – Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски, актери од театарот “Комедија“.

Водителите и церемонијал-мајсторите на Златната бубамара се менуваат, но Игор Џамбазов веќе 26 години останува константа – со своето присуство и со умеењето да се насмее на сопствена сметка. Годинава, како човек со искуство, кој, како што рече, нема црн дроб од 1993, ја додели специјалната Златна бубамара на медицинскиот тим кој во ноември минатата годна ја изврши првата трансплантација на црн дроб.
Годинава повеќе награди „златна бубамара“ заминаа за пејачи, композитори, аранжери и текстописци на народна музика. Миленичката на народната сцена Блага Петревска, Ефто Пупиновски, Миле и Ѓорѓи Барбаровски и постхумно Милан Завков се добитници на признанија за својата долгогодишна успешна работа. И како што отпеа Блага Петреска во рефренот „Песната е да ти каже што не може устата“, нивните песни не потсетија на најдоброто во народната музика, создадено низ годините во најдобрите традиции на изворната народна музика.

И сцената за овогодишната 26. Златна бубамара на популарноста раскажуваше своја приказна. Во одличното дизајнерско решение на Ласко Џуровски слоганот на манифестацијата беше претставен како сноп светлина, во чиј центар се наоѓаа сите учесници на манифестацијата. А, настапија младите надежи, пејачките Лара Иванова и Лара Трпчевска, па Сара Мејс и Кали кои потсетија на најубавите рефрени на Нина Спирова, ветеранот Јаков Дренковски, чудесниот дует на Андријана Јаневска и Наум Петревски, се до ДНК, Некст тајм, Џамбо Агушев и неговиот оркестар и групата „Меморија“.
Оваа „светлина“ од дизајнерското решение на Ласко Ѓуровски на сцената се провлекуваше суптилно и низ содржините на манифестацијата – од борбата против мрачните сили на идеологот Ранко Петровиќ до изборот на „Илуминати (Просветлени)“ како најпопуларна театарска претстава на годината. Но, можеби најсветлата точка на синокешното издание беше одличниот препев на песната за Марадона од Ману Чао, која Игор Џамбазов и Гуру Харе ја направија за Горан Пандев, фудбалерот кој годинава доби Златна буба мара со посвета „спортска легенда“.

Повеќе за 26. издание на Златна Бубамара на популарноста може да прочите на следниот ЛИНК или да ја погледнете снимката наскоро на Канал 5.
Извор: https://radiobubamara.mk/