Првиот од сите саботни натпревари од 34. коло во англискиот Чемпионшип го одиграа екипите на Брентфорд и Блекбурн. Домаќините, пред полниот „Грифин Парк“, доминираа преку цел натпревар. Сепак и покрај доминацијата, на пауза заминаа со негатива од 0-1 откако Адам Армстронг постигна гол за водство на Блекбурн во 11. минута. Истиот играч ја удвои предноста на својот тим со голот од пенал во 54. минута. До крајот, Брентфорд погоди два пати за конечен резултат од 2-2. Стрелци за домаќините беа Оли Воткинс во 62. и Саид Бенрама во 71. минута од пенал.
Воткинс и Бенрама се дел од триото на Брентфорд наречено „БМВ“ каде што третиот член е Брајан Мбеумо. По дванаесетти пат во оваа сезона, двајца играчи од ова трио постигнале голови на ист натпревар. Моментално, ова трио е најефикасно во лигата со 43 погодоци односно 21 на Воткинс (го дели првото место во лигата со Александар Митровиќ од Фулам), 12 на Мбеумо и 10 на Бенрама.
На табелата, Брентфорд е четврти со 56 поени, а Блекбурн е осми со 51 поен и само на пет поени од плејоф зоната.



