Првиот натпревар од третото коло се одигра во групата Д помеѓу Грузија и Фиџи. Фиџи атакуваше на првата победа и го оствари тоа против селекцијата која се наоѓа на границата помеѓу Европа и Азија.
Првото полувреме беше со многу малку поени и заврши 7-3 во корист на Фиџи, а есејот го постигна Најакалеву. Во првите десетина минути од вториот дел, Ломани и Туисова постигнаа по уште еден есеј за Фиџи кои се одделија на 14 поени разлика. Единствениот есеј за Грузија го постигна Горгодзе во 54. минута, а Матиашвили успешно ја претвори конверзијата. Во продолжение следуваше целосна доминација на Фиџи кои постигнаа уште четири есеја преку Радрадра (2), Кунатани и Ратунијарава. Крајниот резултат беше 10-45 за Фиџи и ова беше прва победа за „Летачките Фиџијци” на ова СП после двата порази од Австралија и Уругвај. И Грузија има ист учинок од една победа и два порази после првите три кола.



