Македонската А репрезентација денеска ги започнува подготовките за квалификацискиот натпревар за пласман на ЕУРО 2020 против Словенија кој се игра на 10. октомври од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Заменик капитенот во нашата репрезентација Стефан Ристовски вели дека овој тим има квалитет и може да победи на домашен терен. Фудбалерот на Спортинг Лисабон отсуствуваше поради повреда, вели дека не е доволно подготвен, но ќе даде сѐ од себе да помогне колку што може.
– Ни следат два тешки натпревари со сериозни репрезентации, со сериозен список на играчи, кои во изминатиот период покажаа дека се квалитетни. Добро е што Македонија е во трка за второто место, но пред се треба да се сконцентрираме, прво на Словенија, а потоа и на се друго. Се надеваме на позитивен резултат и да покажеме дека Македонија е подготвена. Мина еден долг период од мојот последен меч, пропуштив цели подготовки, но оние што ме знаат, знаат дека сум човек кој не се откажува. Имам една недела тренинг, но ќе видиме колку ќе може да издржам. Овие мечеви бараат одговорност. Факт е дека не сум спремен, но тука сум да помогнам колку можам, изјави Ристовски. 



