Соколарството е една од најстарите гранки на ловот што, за жал, во Македонија не е широко распространета. Еден од најдобрите, ако не и најдобар македонски соколар е Трајче Китановски. Тимот на „Јави се јужна” успеа да стапи во контакт со него и да му направи кратко интервју во кое тој ни открива многу интересни факти и случки поврзани со соколарството. Пред сè, би сакале јавно да му се заблагодариме на Китановски за своето драгоцено време кое со задоволство го издвои за нас, а целото интервју можете да го прочитате во прилог.
Што би им кажале на читателите за соколарството ? Наведете ги општите карактеристики.
– Соколарството е уметност во ловот. Тука соколарот ја покажува својата умешност и преку неговата птица-грабливка ние можеме да видиме за каков соколар се работи. Соколарството постои повеќе од четири илјади години. Нашите предци увиделе дека преку птицата-грабливка можат да дојдат, на полесен начин, до храна (дали е тоа зајак, фазан, еребица, гулаб, патка…), па така решиле овие птици да ги доближат до себе. Во осумнаесетти век, соколарството доживува експанзија и интересен податок е дека статусот на човекот се мерел според тоа кој каква птица поседува – кралевите и моќниците имале соколи, а готвачите имале јастреби. За жал, по доаѓањето на барутот, соколарството речиси и да изумира во Европа.
Кога се појави Вашата љубов кон соколарството и општо кон птиците ?
– Мојата љубов кон соколарството … Една друга дефиниција по која јас се придржувам и водам говори дека соколарството не е само љубов кон птицата-грабливка, ами претставува пасија. Многу се нервирам кога ќе слушнам, обично од некои што прв пат гледаат птица-грабливка, дека соколарството го карактеризираат како хоби. Да сакаш нешто, ќе се помириш со тоа дали ќе го имаш или не во рамките на своите можности. Знаете, јас познавам многу соколари кои откако се оженија и оформија свои семејства се откажаа од соколарството, па сега јас да ве запрашам – тоа ли е соколарство ? Тоа е она што говорев досега. Тие биле само заљубеници во овој спорт и ништо повеќе, додека пасија, како што веќе кажав, е и покрај секојдневните обврски односно и покрај жена, дете, работа и куп други обврски, ти да се дадеш целосно и неизмерно на оваа птица. Да се навратам на прашањето – љубовта секако дека дојде после еден изгледан прилог на телевизија.
Која била првата птица што сте ја имале ?
– Веројатно тоа е онаа птица со која секој соколар почнува, а тоа е „Buteo buteo” или народски познат како јастреб-глувчар. Оваа птица ја има најповеќе во полињата, често пати можеме да ја видиме на автопатите и многу е полезна за човекот бидејќи ги ништи стаорците и змиите.
Колку време се бавите со соколарство ?
– Па, со соколарство се бавам околу осум години, а онака да кажам професионално – пет, зашто за да станете соколар потребно ви е една година да бидете под нечие менторство и уште две години поминав на доусовршување иако сега учам. Сите ние учиме секојдневно и откриваме нови работи во соколарството – во прашање се разни култури и разни школи.
Колку птици имате дресирано досега ?
– Доколку ви кажам некоја бројка само би калкулирал хаха … Тоа беа доста птици … за овие осум години можете да си замислите.
Колкав е животниот век на птиците-грабливки ?
– Животниот век на птицата-грабливка зависи од многу фактори. Пред сè зависи за која птица-грабливка се работи. Не можеме да ги земеме така општо во целина сите заедно како што на пример можеме да ги заокружиме според нивната големина и можеме да заклучиме дека женките се поголеми за добри триесет проценти. Зависи секако и дали птицата е чувана од страна на соколар или во природа. Има податок кој е доста интересен и заслужува да го знаат поготово оние луѓе кои мислат дека ние нешто лошо ѝ правиме на птицата-грабливка чувајќи ја во „заробеништво” како што знаат да кажат, а тоа е дека птицата-грабливка живее подолго во соколарник кај соколар отколку во природа. Замислете само дека првата зима ја поминуваат само дваесет проценти од младенчињата поради суровите зимски услови, додека кај соколар, птицата секојдневно јаде и има сè што ѝ е потребно. Сепак, од сите, најмногу живеат орлите.
Каква птица имате моментално ?
– Моментално имам „Parabuteo unicinctus” кој во Европа е познат како Харисон или Харисов јастреб. Тоа е грабливка со средна големина, а ја има во САД, па јужно, сè до Чиле, централна Аргентина и Бразил.
Кои се одликите на оваа сорта на јастреби ?
– Интересно е што е пустински јастреб, прави гнезда на кактусите и е единствената птица-грабливка што лови во групи, па затоа и се успешни во ловот. Претходно кажав дека женките се поголеми од мажјаците. Можам слободно да кажам дека е најсоцијализираната грабливка и според мене најдобра за соколарење. Јас сум голем заљубеник во оваа сорта на јастреби и убеден сум дека оваа е птицата што ќе ја имам засекогаш.
Од што се состои неговото мени ?
– Мора да му обезбедите сè тоа што го јаде во природата за да имате здрава птица – гулаби, зајак, еребица, глувци, фазан, препелица …
Како се одвива еден тренинг ?
– Имаме повеќе видови на тренинзи: тренинг за социјализација кога е див, тренинг за послушност каде му ја наоѓаме тежината на јастребот на која условно кажано „работи” и кондиционен тренинг каде мораме да му набиеме мускулна маса на јастребот и кондиција како би бил спремен да лови.
Дали птицата може да побегне ? Ви се има ли случено искуство од ваков тип ?
– Секако дека може да побегне, а на тоа влијаат повеќе фактори. Нормално дека ми се има и мене случено. Му се има случено на секој соколар, а кој ќе каже дека му се нема случено – ќе излаже. Може да останеме без нашата птица ако отидеме на летање додека истата е најадена. Многу логично е дека сита птица не оди на лет за да бара плен, па така, пред излегување, секогаш ја мериме нашата птица. Друг фактор е дека ако на тој терен кадешто летаме се појави друга птица-грабливка која е веќе територијално таму и ја нападне нашата птица што ми се има случено и мене. Ние, соколарите, мораме да го предвидиме и времето, па затоа мораме да сме секогаш во добра релација со временската прогноза зашто може на сред летање да ја загубиме нашата птица доколку нè затекне невреме при тоа што таа може да се исплаши и избега. Тука морам да напоменам дека заштитник на соколарите во целиот свет е Св. Трифун и ние го славиме, му се молиме него и му се заблагодаруваме после секое успешно летање. Успешно летање не е само кога нашата птица нешто ќе улови. туку и она кога ќе ни се врати. Тоа е најдобар показател како сме ја издресирале.
Што спаѓа во соколарска опрема ?
– Тука спаѓа, најпрво, соколарска ракавица која е неопходна како би се заштитиле од несакани работи што се возможни во првата фаза од тренингот. Освен соколарска, постои и јастребска и орловска ракавица којашто е направена од најдебела кожа. Освен ракавицата, потребна е и соколарска капа која ја користиме за да ја смириме птицата кога е дива или ја транспортираме некаде. Друг неопходен предмет се и соколарска вага за мерење на птицата, каишки за врзување на нозете како птицата не би се исплашила, надоврзок што го користиме за спојување на ракавицата со каишките и соколарско свирче кое не е неопходно, но пожелно е да се има. Сепак, секој соколар си има свој начин на којшто ја има научено својата птица да му се врати.
Што треба да поседува еден соколар освен опремата ?
– Многу љубов кон соколарството, претходно знаење и пасионираност од оваа работа што ќе го води како ѕвезда-водилка.
Дали, освен опремата и способностите на соколарот, неопходно е и куче ?
– Морално е да се има ловџиско куче доколку имате сокол, но не е морално ако имате јастреб. Сепак, пожелно би било да го имаат сите.
Како изгледа еден соколарски ден ?
– Денот го организираме во зависност од тоа што сме решиле со птицата да правиме тој ден односно кој вид на тренинг или лов. Што и да правиме, пред да излеземе мораме да ја измериме нашата птица дали е на посакуваната тежина, а доколку не е – нема воопшто да летаме тој ден. Откако веќе ќе ја измериме, тогаш одиме на терен и ги вадиме каишките, па се поставуваме во зависност од тоа што ќе го тренираме тој ден – кондиционен тренинг, тренинг за брзина на мамило, тренинг за социјализација, лов, импровизиран лов итн. Сето ова мора да се види на терен за да може полесно да се сфати за што правиме муабет.
Колку е развиено соколарството во Македонија ?
– За жал, соколарството е на најниските гранки во нашата држава. За што да правиме муабет кога сите соколари во Македонија се бројат на две раце ? Нè има вкупно десет. Голема улога за таа бројка игра и општеството. Освен што постои закон за соколарството, друго ништо и не е направено. Ќе дадам пример за активностите на соколари што сум во непосредна комуникација, а потекнуваат од блиските држави. Во Србија, соколари вработени во аеродромот прават биолошка заштита и растерување со јастреб Харисон каде без нивна дозвола не може да полета ниту еден авион. Во сите помодерни аеродроми во светот се работи на овој начин, а сè уште не знам зошто кај нас нема вработено соколар на аеродромот. Во Бугарија има вработено соколари во зоолошките градини, а кај нас, во зоолошката, тоа е само мисловна именка. Во Хрватска има биолошка заштита на аеродромите. Во Македонија, јас сум единствен кој прави биолошка заштита од ваков вид. За жал, малку е глува општествената свест за овој вид на заштита, но се надевам дека ќе се сменат нештата. Оваа заштита е доста погодна за земјоделството кадешто со самото појавување на јастребот ги растеруваме сите штетници за земјоделците да не би имале никакви штети. Исто така погодна е и за големи хангари со диви гулаби кои се најголем преносител на зарази – доста успешни сме и на ова поле каде јас и Хари, мојот јастреб, природно ги иселуваме од таа територија.
Кој совет би им го дале на идните соколари ?
– Доколку има такви хаха … Најпрво, добро да се преслушаат себеси и доколку навистина ова е тоа што го сакаат, треба да знаат дека соколарството е начин на живот и ќе им се промени сиот живот во полза на соколарството. Ако се спремни ова да го прифатат, а воедно да се откажат од многу други работи, ако ја сакаат планината, природата, животните и адреналинот – тогаш ова е за нив. Само напред, тука сум да им помогнам и да им дадам било каков совет. Морам да нагласам дека веќе сум ментор на еден млад соколар од Босна и Херцеговина, Јасмин Хркич, што сега засега верувам дека има голем потенцијал да биде добар соколар, а и брзо учи.
Дали со Хари правите тури во природата кадешто луѓето би можеле во живо да бидат сведоци на неговиот лов, а воедно и да поразговараат и научат нешто повеќе за соколарството ?
– Така е. Турите ги правиме и по ова прашање, нескромно, но многу вистинито, сме единствените во Македонија што го прават тоа.
Каде би можеле да Ве најдат нашите читатели кои имаат желба да станат идни соколари ?
– Можат да ме најдат и да ме исконтактираат на нашата Фејсбук страна „Забава со Хари” каде секојдневно се трудам и објавувам нови информации во врска со соколарството.
Страната можете да ја најдете на следниот линк:
https://www.facebook.com/%D0%97%D0%B0%D0%B1%D0%B0%D0%B2%D0%B0-%D1%81%D0%BE-%D0%A5%D0%90%D0%A0%D0%98-112174413534756/