Европското првенство во санкање, оваа година, се оддржа во Лилехамер. На денешната програма беше индивидуалното натпреварување во машка конкуренција. Во првата серија, рекордот на патеката беше срушен неколку пати. Претходниот рекордер беше Италијанецот Доминик Фишналер, а прв што успеа да го подобри времето на патеката беше Александр Горбачевич. После него, до нов рекорд дојде неговиот сонародник, Степан Федоров, а трет рекордер беше првиот братучед на Доминик Фишналер, Кевин Фишналер. Сепак, на крајот, рекордот го постави Русинот Сејмен Павличенко со време од 48.761 секунди. После првата серија, Доминик Фишналер беше второпласиран со заостаток од само две илјадинки, а трет беше Роман Репилов. Од фаворитите, потфрлија Волфганг Киндл, Јонас Милер, Такер Вест, Феликс Лох и Рајнхарт Егер кои завршија после десеттата позиција.
Во втората серија, 13. кривина, позната под името „Гоут лајн”, им направи проблеми на неколку натпреварувачи, а особено на Рајнхарт Егер кој го забележа својот најлош пласман во сезоната – 25. позиција. Победникот на квалификациите, Себастиен Блеј, заврши на 26. место. До победата стигна Доминик Фишналер донесувајќи ѝ го на Италија првиот медал од ова првенство. Павличенко заврши на втората позиција, а Репилов беше трет. Како четвртопласиран заврши актуелниот олимписки шампион, Давид Глајршер, а пласман во првите десет забележија и Горбачевич, Кевин Фишналер, Федоров, Лудвиг, Киндл и Апарјодс. За Фишналер, ова е прв златен медал во индивидуалната кариера. Досега има освоено три бронзи – две од Светското првенство во Иглс во 2017 и една од Европското првенство во Сигулда во 2014. Единствениот златен медал го освои минатата година на Европското првенство во Оберстдорф во мешаната тимска конкуренција.
Освен машкото индивидуално натпреварување, на ова првенство се оддржаа и натпреварувањата во женска индивидуална конкуренција и машки дублови. Кај дамите, славеше Татјана Иванова, пред Јулија Таубитз и Викторија Демченко. Во машките дублови победи дуото составено од Александер Денисјев и Владислав Антонов, второпласирани беа Томас Штој и Лоренц Колер, а на третото место завршија Владислав Јужаков и Јуриј Прохоров. Откако беа оддржани сите потребни натпреварувања, остана само натпреварувањето по тимови кое ќе биде на програмата во недела во 13:00 часот.