Даблинското дерби, а воедно и најжестокото дерби во Ирска го сочинуваат екипите на Шамрок Роверс и Бохемианс.
Токму тие две екипи со меѓусебен дуел го отворија 30. коло од ирската Премиер Дивизија. Одлучувачкиот погодок го постигна Греам Бурк во 26. минута. Ова беше втор натпревар во низа на којшто Бурк постигна погодок. Во претходното коло со својот гол му помогна на Шамрок да го совлада Ватерфорд со 2-1.
Во второто полувреме немаше голови, па се испостави дека конечниот резултат е 1-0 во корист на „Зелените”.
Последната победа на Шамрок Роверс над лутиот градски ривал датира уште од 12. мај 2017 кога славеа на гостински терен со 0-2. Од тој натпревар па наваму, Бохемианс има седум победи проследени со едно реми.
На шест кола до крајот, Дундалк е првопласиран со 68 поени и има четири бода предност пред Шамрок Роверс додека на третата позиција е Бохемианс со 49 поени.



