Од почетокот на оваа недела, сведоци сме на две нови менаџерски оставки во англиската фудбалска лига. Најпрво, заради лошиот старт на сезоната од 10 натпревари во низа без триумф, оставка поднесе тренерот на Барнсли – Германецот Даниел Штендел. Челниците на тимот на својот Твитер профил објавија исказ во кој велат дека ја прекинале соработката со еден од најстраствените тренери во Чемпионшип. Поранешниот напаѓач на Хамбург и Хановер пристигна во англискиот клуб како тренер во јуни 2018 и успеа да избори една промоција. Сепак, во втората лига не се снајде најдобро и за негов следбеник е назначен Адам Мареј.
Вториот тренер кој го загуби своето работно место е Џек Рос, тренерот на Сандерленд. Шкотланѓанецот беше првиот тренер кој дојде во клубот под водство на новиот претседател Стјуард Доналд. Минатата сезона успеа да избори финале во плејофот за влез во Чемпионшип, но беше запрен од Чарлтон, а оваа сезона го предводеше Сандерленд до „само” шестата позиција во третата лига по првите 11 кола. Како привремена замена за Рос е назначен неговиот асистент Џејмс Фаулер.
„Оваа одлука беше донесена со тешко срце. Кога пристигнавме во клубот пред 18 месеци, го назначивме Џек како менаџер бидејќи мислевме дека тој беше вистинскиот човек за да го однесе Сандерленд напред за неколку години … Џек работеше напорно и ни помогна да стекнеме стабилност во клубот и јас од сè срце му се заблагодарувам за неговите напори. Се надевам и верувам дека тој ќе оди напред и ќе има успешна менаџерска кариера.” – истакна претседателот на клубот, Стјуард Доналд.



