Откако одиграа два пријателски натпревара со Романија во Крајова, македонските одбојкарите тренираа во салата „Кале“, каде што утре и в недела од 17 часот и 30 минути ќе се тестираат против Шведска. За селекторот Никола Матијашевиќ тоа ќе биде уште една добра можност да ја провери формата на репрезентативците.
Васе Михаилов има стомачен вирус и денеска не тренираше, а Марко Јуниор Стошиќ се уште ја санира повредата на стомачниот мускул. Во пресрет на продолжениот викенд во којшто со Швеѓаните имаме закажано заеднички тренинг в сабота, работат 14 одбојкари. Селекторот ќе има уште две средби за да реши кои играчи ќе го носат дресот на Европското првенство во септември. Најпрво на 30-ти овој месец со Украина во полуфиналето на турнирот „Чајка“, а ден потоа со Белгија или со Бугарија во зависност од резултатот од нивнот полуфинален дуел. На 5-ти и на 6-ти септември ќе и бидеме гости на Австрија во пријателските средби во Сент Полтен, а веќе на 12-ти ќе дебитираме на европските првенства. Прв противник во Љубљана ќе ни биде Финска, а ќе играме и со Турција, Русија, Белорусија и со Словенија.



