Едно од најголемите и најжестоките ривалства во Англија е токму ривалството помеѓу екипите на Вест Хем и Милвол. Двете екипи биле основани кон крајот на 19. век во источен Лондон. Најпрво, во 1885, е основан Милвол под името Милвол Роверс ФК од страна на работниците во една фабрика за конзервирање на островчето Ајл оф Догс среде реката Темза. Десет години подоцна, од страна на Дејв Тејлор – надзорник во фабриката за бродоградба „Тејмс ајронворкс енд шипбилдинг компани”, е формиран клубот со име Тејмс Ајронворкс ФК. Во 1900, клубот бил преименуван во Вест Хем. Двата клубови биле на оддалеченост од само 4,8 километри, а конкурентноста и борбата за заработка помеѓу двете фирми довело и до ривалство на теренот. Првот натпревар помеѓу Милвол и Вест Хем биле резервни дуели, а најпрвиот датира од 14. декември 1895 кога резервите на Милвол славеле со 6-0. Првиот дуел со првата постава бил одигран на 23. септември 1897 и повторно победил Милвол, но овој пат со 2-0.
Првиот компетитивен натпревар го одиграле на 9. декември 1899 во петтата квалификациска рунда на ФА Купот. Милвол славел повторно, со резултат од 2-1. Оваа сезона стигнал до полуфиналето на ФА Купот кадешто бил поразен од Саутемптон со 3-0, но заради борбената игра, медиумите им го дале прекарот „Лавови” кој сè уште ги карактеризира играчите од Лондон.
Првата половина на 20. век:
Во периодот д 1899 до 1915, овие две екипи се соочиле шеесет пати бидејќи биле дел од исти лиги и играле во исти локални и државни купови. На 2. април 1903, во полуфиналето од Саутерн Профешонал Чарити Куп, Милвол славел со 7-1 што е најголемата победа издвоена во ова ривалство. На 1. септември 1904, Вест Хем победил со 3-0 на својот прв меч на легендарниот стадион „Аптон Парк”. На 26. април 1909, играчот на Милвол, Алф Твиг, го постигнал својот десетти гол против Вест Хем и важи за најдобар стрелец во ова дерби.
Во 1910, Милвол сакајќи да привлече поголема публика, се преселил во јужен Лондон на стадионот „Олд Ден”, пред сè заради малиот капацитет на претходниот стадион наречен „Норт Гринич Граунд”. Последниот натпревар, додека и двете екипи биле во источен Лондон, го победил Вест Хем со 2-0. Првиот меѓусебен натпревар на „Олд Ден”, на 9. март 1912, пред 28 400 гледачи, го добил Милвол со неверојатни 5-1.
Во периодот на двете светски војни, дуелите на овие две екипи биле составени пред сè од младинци и резервни играчи. Имало период кога исти играчи настапувале и за двата тимови како Сејлор Браун, Луис Кардвел и Џими Џинкс. Во овој период, Вест Хем почнал да победува почесто, а на 27. декември 1938, на „Аптон Парк” ремизирале без постигнати голови. Сепак, овој натпревар бил проследен од 42 200 гледачи што останува рекорд до ден денес.
Втора половина на 20. и почеток на 21. век:
Во втората половина на 20. век Вест Хем константно играл во првата и втората дивизија во Англија, а Милвол во една до дивизии подоле. Во 1960-тите, двете екипи не одиграле ниту еден натпревар. Во 1970-тите и 1980-тите се развило хулиганството, а тоа довело до смртта на Ијан Прат, навивач на Милвол кој загинал откако паднал од воз при тепачка со навивачи на Вест Хем. По овој немил настан, наивачите на Вест Хем смислиле песна која гласела „Момците на Вест Хем имаат мозок, го фрлаат Милвол под возот” (West Ham boys, we’ve got brains, we throw Millwall under trains). Навивачите на Милвол се одмаздиле во 1986 кога со нож, до смрт, го избодиле Тери Барнс – 19-годишен навивач на Вест Хем. Најпопуларната победа на Милвол од овој период датира од 10. ноември 1987 кога со 1-2 славеле на „Аптон Парк” во Фул Мемберс Купот. Оваа била прва победа за Милвол на гостински терен после 73 години, а сега засега и последна.
Сезоната 1988/89 била првата сезона кога и двата тимови биле во првата лига. Исто така, оваа била и единствената сезона кога еден тим славел и на двата лигашки натпревари. Тоа бил Вест Хем со победите од 0-1 и 3-0. Сепак, оваа сезона Вест Хем бил релегиран, а истата судбина го снајдела и Милвол наредната сезона.
Во 1993, Милвол се преселил на стадионот „Њу Ден” и првиот меч со Вест Хем во новото „дувло” го одиграл на 24. март 2004. Милвол славел со 4-1 и ја поставил најубедливата лигашка победа помеѓу двата ривали.
На 25. август 2009, Милвол и Вест Хем се соочиле за прв пат во Лига Купот. Вест Хем славел со 3-1 после продолженија, а натпреварот бил запаметен по инцидентите. Неколку навивачи на Вест Хем влегле на теренот на сред натпревар, а 20 луше биле повредени надвор од стадионот.
Во 2010/11, Вест Хем, под водство на Аврам Грант, бил релегиран од Премиер Лигата со само седум остварени победи. На мечот против Виган во последното коло, над стадионот прелетал авион со транспарент „Аврам Грант – легенда на Милвол” кој бил изнајмен од страна на навивачите на „Лавовите”.
После оваа релегација, двете екипи се соочиле во Чемпионшип. Првиот натпревар завршил со 0-0, а вториот го победил Вест Хем на домашен терен со 2-1.
Ова ривалство важи како ривалство со голем ризик за инциденти класифициран со категорија Ц.
На 24. август 2017, Пол О’Донел (навивач на Нотингем Форест) бил убиен од страна на Ендру Луис (навивач на Милвол) откако, на шега, му рекол „Вест Хем”. Сепак, последното случување во кое бил вклучен навивач на Милвол заслужува респект. Во 2018 година, навивачот на Милвол облечен во дрес на Вест Хем, спонзорирано истрчал од „Њу Ден” до „Лондон Стадиум” (новиот стадион на Вест Хем од 2016) со цел да собере донации за Исла Катон, тригодишна навивачка на Вест Хем којашто боледувала од невробластома.
Резултати (заклучно со 2019):
Вкупен број на натпревари: 99
Победи на Милвол: 38
Ремија: 27
Победи на Вест Хем: 34