Денес, големиот Манчестер Јунајтед го доживеа првиот лигашки пораз после 2. ноември кога загуби со 1-0 од Барнмут. Овој пат, до овој херојски потег дојде Вотфорд кој со 2-0 славеше на својот „Викериџ Роуд”. Стрелец на првиот гол беше Исмаила Сар во 50. минута, а само четири минути подоцна, Трој Дини, преку пенал ја зголеми предноста на домаќинот. Ова беше прва победа за новиот тренер на Вотфорд, Најџел Пирсон, кој воедно го предводеше тимот прв пат на домашен терен.
„Оваа победа ќе им даде самодоверба на сите. Навивачите го заслужија тоа, а исто така и играчите. Ако некој сака да нè победи, ќе треба да работи многу многу вредно.” – порача капитенот Трој Дини.
„Една од работите што ме погоди кога дојдов овде беше тоа што имаме играчи што се грижат. Знам дека имаме карактер да се справиме со оваа ситуација.” – изјави Најџел Пирсон по натпреварот алудирајќи на борбата за опстанок.
Со оваа победа, Вотфорд останува на последната позиција, но го фаќа приклучокот во борбата за опстанок заостанувајќи шест поени зад „сигурните” позиции. Манчестер Јунајтед, после поразот, се наоѓа на осмото место со 25 освоени поени.



