Денес македонската одбојкарска репрезентација го одигра првиот натпревар на европско првенство !
Прв противник на Еуро 2019 ни беше Финска – квалитетна селекција којашто оваа година играше квалификации за пласман на ОИ 2020. Во арената „Стожице” во Љубљана – Македонија испиша историја.
Првиот поен, а воедно и првиот блок за нашата репрезентација го постигна Александар Љафтов. Првиот ас отиде на контото на капитенот Никола Ѓорѓиев, а првата сервис-грешка беше дело на Филип Маџунков.
Претставниците на Матијашевиќ првата серија од поени ја забележаа во првиот сет на сервис на Ѓорѓи Ѓорѓиев. Истиот тој сет траеше 31 минута, но за жал Финците го освоија со 25-23 откако успеаја да ја анулираат нашата предност од 20-16.
И вториот сет замина во корист на Финците после голема борба (25-22).
Најзначајното достигнување од првиот натпревар за Македонија беше освојувањето на третиот сет односно првиот добиен сет за нашата репрезентација кога после 29 минути, нашите одбојкари стигнаа до 25-23.
И четвртиот сет од овој натпревар беше проследен со голема борба од двете екипи, но сепак несреќно за навивачите на Македонија, искуството на Финска се покажа како пресудно и со 25-21 го освоија сетот.
Најефикасни играчи во нашиот тим беа Никола Ѓорѓиев и Ристо Николов со по 14 поени.



