Светски познато е дека лулката на фудбалот била Велика Британија, остров кој се состои од три држави: Англија, Шкотска и Велс. Најпрво, фудбалот се појавил во Англија, а најстариот клуб, Шефилд ФК, датира од 1857. Во Шкотска, најстар клуб е Квинс Парк кој е основан во 1867, а во 1864, во Велс е основан Рексам. Според оваа антологија, може да се утврди дека фудбалот почнал да се развива на островот во ист период. Англиските и шкотските тимови напреднале повеќе во однос на тимовите од Велс. Единствените тимови од Велс што биле составени од професионалци се натпреварувале во англиските фудбалски лиги, иако и во Велс постоеле натпреварувања. Велшкиот Куп датира од 1877, а во неговите рамки се натпреварувале сите велшки тимови. Биле направени и исклучоци во одредени сезони кога биле повикани и англиски тимови што се наоѓале во близина на велшката граница. Во неколку наврати токму овие англиски тимови го освоиле купот, па нивното учество било укинато во 1995. Шрузбери Таун е најуспешниот англиски тим во Велшкиот Куп со шест трофеи. Освен англиските тимови, голем успех имале и велшките тимови што се натпреварувале во англиските лиги. Меѓу нив спаѓаат Рексам, Кардиф, Свонси и Њупорт кои вкупно имаат 56 титули во овој куп.
Велшката лига датира од 1904, но заради слабата инфраструктура на државата, биле ограничени условите за патување од еден до друг град. Поради овој факт, лигата била составена од тимови што потекнуваат од јужниот дел на Велс. Останатите екипи се натпреварувале во англиските лиги токму заради полесниот транспорт кон Англија отколку кон остатокот од Велс. Сè поголем бил бројот на квалитетни фудбалери кои се преселувале во англискиот фудбал оставајќи ги своите матични клубови што уживале аматерска репутација. Велшката фудбалска лига, дури во 1992 добила статус на професионална лига, а одредени тимови сè уште имаат полу-професионален углед. Лигата почна да напреднува во 21. век привлекувајќи спонзори и овозможувајќи им на своите клубови пласман во Европа.
Освен транспортот, уште една од главните причини поради којашто фудбалот во Велс стагнирал со својот прогрес е и љубовта на Велшаните кон рагбито. Со „падот” на фудбалот, љубовта кон рагбито пораснала и го превземала приматот на национален спорт на Велс. Во последните неколку децении и фудбалот се држи рамо до рамо со рагбито. Сето тоа се докажа со пласманот на велшката фудбалска репрезентација на осмото место на ФИФА ранг-листата во октомври 2015 како и производството на голем број квалитетни фудбалери.



