Дакар 2020 е првото издание на релито Дакар што се оддржало во Саудиска Арабија, а воедно и прво издание што се оддржало во Азија. Возачите се натпреваруваа во пет категории. Во продолжение следува анализа во категоријата на камионите.
Етапа 1:
Првата етапа ја одбележија малите разлики помеѓу првите шест возачи. Возачите што се наоѓаа на 5. и 6. позиција – Чесите Мартин Солтис и Мартин Мацик имаа исто време со заостаток од 4:52 минути. Дмитри Сотников заврши на четвртото место, а Холанѓанецот Адрианус Јоханес Ван Кастерен го започна своето трето учество на Дакар освојувајќи ја симболичната трета позиција. Белорусинот Сиареј Вјазович, беше второпласиран на Дакар во 2018, а на истата позиција заврши и на првата овогодишна етапа. До победата стигна Русинот Антон Шибалов со предност од 1:33 минути.
Етапа 2:
Добар старт имаа Мартин Мацик, Едуард Николаев и Антон Шибалов, но завршија на 4., 5. и 6. место. Андреј Каргинов беше третопласиран со заостаток од 2:07 минути зад првопласираниот Сиареј Вјазович кој го зголеми своето водство во генералниот пласман на 4:20 минути пред Дмитри Сотников кој заврши на втората позиција.
Етапа 3:
Првиот Белорусин што завршил во првите десет на Дакар, со шестото место во генералниот пласман во 2017, Александр Василевски, имаше солидна трка што ја круниса со шестата позиција. Одлична трка имаше и Холанѓанецот Ричард Де Гроот кој заврши две позиции понапред, а на подиумот беа квалитетни натпреварувачи од калиброт на Шибалов, Вјазович и Каргинов. Каргинов беше првопласиран на етапата од стартот до целта.
Етапа 4:
Проблемите со тркалото на Вјазович му го дадоа заостатокот од 15:42 минути, па од првата позиција падна дури на шестата на крајот од етапата. Со овој проблем го загуби и првото место во генералниот пласман. Моментално таа позиција му припаѓа на Каргинов кој на оваа етапа беше второпласиран (+2:41). Русите имаа тројца возачи на подиумот. Освен Каргинов на втората, на третата позиција го имаа Сотников (+9:05), а победник беше Шибалов кој ја завзема третата позиција во вкупниот поредок
Етапа 5:
Повторно доминираа возачите од поранешната СССР. На подиумот повторно се најдоа тројцата Руси, но со обратен редослед во однос на четвртата етапа. Најбрз беше Сотников, пред Шибалов (+3:06) и Каргинов (+3:15). Вјазович малку потфрли и заврши на четвртата позиција со заостаток од 16 ипол минути. Со овој пласман, го загуби второто место и падна на третото во вкупниот поредок. Водството го држи Каргинов со 14:53 минути предност пред Шибалов и 23:58 минути предност во однос на Вјазович.
Етапа 6:
Најдолгата етапа во овогодинешниот календар не ја дочека трикратниот првак Едуард Николаев кој заради проблеми со камионот беше принуден да се откаже од етапата. Одличната новост за конкурентите, најдобро ја искористи Каргинов кој славеше прв пат после третата етапа. Зад него завршија Шибалов (4:21) и Вјазович (12:32). Чесите Лопраис и Мацик имаа солидни трки завршувајќи во горниот дел на табелата. Со оваа победа, Каргинов ја зголеми својата предност во вкупниот поредок пред Шибалов (19:14) и Вјазович (36:30). Лопраис и Мацик следуваат на наредните две позиции, но со заостаток поголем од еден час и четириесет минути.
Етапа 7:
Вјазович загуби девет ипол минути и се пласира на шестото место. Најдобар возач што не потекнува од Русија беше Лопраис на петтото место (+6:17). Според оваа информација, се доаѓа до сознание дека на првите четири позиции беа пласирани четири Руси. Надвор од подиумот беше Николаев (+5:19), а на третото место заврши Шибалов (+2:05). Битката за првата позиција беше неизвесна до самиот крај, а како најуспешен се покажа Каргинов кој за три секунди имаше побрзо време од Сотников. Со оваа победа, Каргинов ја зголеми предноста во генералниот пласман пред Шибалов (+21:12) и Вјазович (+46:39).
Етапа 8:
Првопласираниот во генералниот пласман, Каргинов, беше првопласиран и на осмата етапа зголемувајќи ја предноста за 5:54 односно 18:38 минути во однос на вториот Шибалов и третиот Вјазович кои завршија на 2. и на 5. позиција на денешната етапа. Лопраис го завзема третото место со заостаток од 9:06 минути. Четврти беше Сотников кој беше побавен за 10:41 минути.
Етапа 9:
Малку разновидност на подиумот откако Каргинов славеше со 3:19 минути предност пред Вјазович и 9:42 минути предност пред Лопраис. Сотников и Шибалов загубија 10:07 односно 11:29 минути. Каргинов останува на водечката позиција пред Шибалов (+38:35) и Вјазович (1:08:36) во вкупниот поредок.
Етапа 10:
Заради безбедноста на возачите, етапата беше скратена. До првиот подиум на Дакар 2020 дојде Холанѓанецот Герт Хузинк кој заврши трет (+01:41) претекнувајќи го Каргинов кон крајот на етапата. Второпласиран беше Сотников (+01:08), а до третата победа оваа година дојде Шибалов. Вјазович заврши на 16. место со заостаток од 33:51 минути. Немаше промени во вкупниот пласман – Каргинов останува прв пред Шибалов (+36:08) и Вјазович (+1:40:00).
Етапа 11:
Раѓањето на својата ќерка, Мартин Мачик го прослави со освојување на петтото место (+13:14) на оваа етапа. Едно место погоре и една минута побрз беше Вјазович. Подиумот повторно беше составен од тројцата Руси – Каргинов, Сотников (+1:27) и Шибалов (+3:25). Во пресрет на последната етапа, Каргинов води со 39:33 минути предност пред Шибалов и речиси два часа предност пред Вјазович.
Етапа 12:
На последната етапа подиумот го сочинуваа Каргинов, Вишнеуски (+2:01) и Мацик (+2:41). Во генералниот пласман, Мацик стигна до петтото место, а со тоа го израмни својот најдобар вкупен пласман на Дакар од 2018. Сотников заврши на четвртото место, а Вјазович беше третопласиран. Русите стигнаа до 1-2 победа кадешто Шибалов беше втор, а триумфираше Каргинов.
Завршен вкупен поредок:
1. Андреј Каргинов (46:33:36)
2. Антон Шибалов (+42:26)
3. Сиареј Вјазович (+2:04:42)
4. Дмитри Сотников (+2:55:28)
5. Мартин Мацик (+3:28:08)
6. Адрианус Јоханес Ван Кастерен (+4:26:57)
7. Алеш Лопраис (+5:16:57)
8. Алиаксеј Вишнеуски (+5:24:30)
9. Патрис Гаруст (+6:07:53)
10. Терухито Сугавара (+6:18:39)