На „Прајд Парк”, екипата на Дерби го пречека Стоук во рамките на 30. коло од втората англиска лига. Во пресрет на овој дуел, Стоук имаше серија од две победи и тоа над Свонси и ВБА, додека Дерби претрпе пораз од 3-2 од последнопласираниот Лутон. Последната лигашка победа на Дерби над Стоук датираше од 22. ноември 2005 кога славеше со 1-2. Сепак, денес овој податок беше ажуриран. Имено, „Овните” ја запишаа најубедливата победа сезонава откако славеа со 4-0. Најпрво, од 21. до 24. минута, Вагхорн и Мартин експресно ја „умртвија” играта на Стоук со по еден постигнат погодок. Во второто полувреме, Дерби повторно имаше сè под контрола. Во 67. минута, Руни го постигна својот втор гол во новиот клуб откако, од слободен удар, успеа да ја „скине пајажината” од голот на Батленд. Само седум минути подоцна, во листата на стрелците се запиша и десниот бек, Џејден Богл, преку проектилот што заврши во горниот десен агол од голманска перспектива. Со оваа победа, Дерби скокна на 13. место на табелата, а борбата за опстанок на Стоук сè уште е во тек имајќи пет поени предност и натпревар повеќе во однос на 22-пласираниот Виган.
Освен овој дуел, во истиот термин беше одигран и натпреварот помеѓу Кардиф и Рединг кој заврши со 1-1.