Фристајл скијачите, во рамките на овогодинешниот светски куп во „ериалс“ дисциплината, овој викенд се натпреваруваат во казахстанскиот ски-центар – Алмати. Веќе две години во низа, натпреварувањата од оваа дисциплина завземаат место токму во Азија откако минатата сезона на распоредот беа натпреварувањата во Кина. Алмати е претпоследната дестинација за дисциплината „ериалс“, додека последна е рускиот град Краснојарск. На денешното натпреварување не беа присутни најдобрите Руси и најдобрите Кинези од светскиот куп вклучувајќи ги двајцата првопласирани во генералниот поредок од машката конкуренција, Максим Буров и Павел Кротов, како и Жу Менгтао – првопласираната кај дамите.
Во женска конкуренција, после квалификациите и после финалето, првопласирана беше Австралијанката Лаура Пил. Истата натпреварувачка имаше проблеми со доксокот во супер-финалето, па натпреварувањето го заврши на четвртата позиција. Лаура Пил беше победничка на претходното натпреварување во Минск и второпласирана во генералниот поредок. Казахстанците имаа причина за славје откако нивната миленичка, Жанбота Алдабергенова, заврши на третото место. Второпласирана беше Американката Меган Ник, а до победата стигна Украинката Надја Мохнатска. На последните две позиции од супер-финалето завршија Американките Каила Кун и Винтер Винецки.
Во машката конкуренција, на квалификациите славеше Ное Рот чиј татко е главен тренер на швајцарската репрезентација. Младиот Швајцарец, во досегашниот тек на сезоната има забележано три подуми, а денес го заврши натпреварувањето во финалето, завземајќи го осмото место заради лошиот доскок. Белорусинот Павел Дик заврши на третото место и го завзема својот втор подиум во кариерата откако беше третопласиран во Москва. Во неизвесна завршница, до победата дојде Американецот Кристофер Лилис кој беше третопласиран на последното натпреварување во Минск, додека веднаш под него се пласиран најдобриот после финалето – Швајцарецот Пирмин Вернер. Останатите натпреварувачи кои се пласираа во супер-финалето беа Белорусинот Максим Густик, Американецот Џастин Шоенфелд и Канаѓанецот Луис Ирвинг.
Во прилог е поставено видеото од целото денешно натпреварување:



