Во четвртата рунда од ФА Купот се соочија екипите на Дерби Каунти и Нортемптон Таун. Во првиот натпревар, резултатот изнесуваше 0-0 што беше карактеризиран како огромен успех за четвртолигашот кој успеа да остане непоразен на домашен терен. Во денешниот реванш, „Овните” славеа со 4-2 и изборија пласман во осмина-финалето кадешто ќе ги одмерат силите со Манчестер Јунајтед.
Најпрво, во 28. минута, Андре Висдом го донесе Дерби во водство од 1-0. За Англичанецот, ова беше прв гол после 157 натпревари и цели седум години и 137 дена ! Последниот гол го постигна во дресот на Ливерпул, на неговото деби во Лига Европа против Јанг Бојс на 20. септември 2012. Во 35. минута, Дуејн Холмс го зголеми водството на својот тим на 2-0. Нортемптон намали преку Ники Адамс во втората минута од второто полувреме, но после четири минути, Џек Мериот повторно ја врати предноста на Дерби на два гола разлика. Во 77. минута, Вејн Руни преку пенал зголеми на 4-1, а Сем Хоскинс, после вториот пенал на натпреварот, го постави конечниот резултат од 4-2 во 84. минута.



