Последниот натпревар за денес во НХЛ го одиграа Ванкувер Кенакс и Вегас Голден Најтс. Гостите, иако беа фаворити, загубија со 5-4 преку продолжение.
Првата третина заврши со 3-1 во корист на Кенакс. Домаќините, за седум минути, поведоа со 2-0 преку Русел и Пирсон. Шест минути подоцна, нивната предност ја преполови Маршесолт, а на 28 секунди пред паузата, Петерсон зголеми на 3-1.
Вегас израмни со двата гола во вториот период. Головите паднаа во интервал од една минута – најпрво Смит, а потоа Холден.
Во третата третина, Ванкувер преку вториот гол на Петерсон, си ја врати предноста, а на 4-4 израмни Стоун.
Во продолжението, после само 90 секунди, погоди Танев и ја остави победата во Британска Колумбија. Ова беше прв погодок во продолжение за Кристофер Танев – легендата на Ванкувер.
Голманите, иако примија голови, забележаа неколку извонредни одбрани. Маркстром (голманот на Ванкувер) имаше 39 одбрани, а Флури (голманот на Вегас) – 29.
После овој натпревар, Вегас е петтопласиран, а Ванкувер, на 11. позиција, ќе се бори за влез во плејофот.



