Највозбудливиот натпревар од синоќешната НХЛ програма беше одигран во „Бриџстон Арена“. Имено, домашниот тим на Нешвил Предаторс ги угости Калгари Флејмс. После првата третина, Предаторс водеа со 1-0 после голот на Колтон Сисонс, а во вториот дел, Калгари направи пресврт благодарение на Расмус Андерсон и Микаел Беклунд. Во третата третина, Роман Јоси израмни на 2-2, а на само четириесетина секунди до крајот, Калгари навидум дојде до победата со голот на Ендру Манџапане. Сепак, „Предаторите“ до крај го следеа својот плен и успеаја да постигнат погодок на само 0,1 секунда до крајот. Стрелец на израмнувачкиот погодок кој го однесе натпреварот во продолжение беше Микаел Гранлунд, а истиот играч му ја донесе победата на својот тим после само осумдесет секунди игра во дополнителниот дел. Конечниот резултат изнесуваше 4-3 во корист на Нешвил.
Третата победа во низа му помогна на Нешвил да се искачи на осмата позиција на Западот и да биде само на поен заостаток во однос на седмопласираниот денешен противник. Борбата за плејоф ќе биде присутна до самиот крај имајќи во предвид дека пет екипи се наоѓаат во само четири поени.



