Најнеизвесниот натпревар од синоќешната НХЛ програма беше одигран во „Роџерс Арена“ во Ванкувер каде што домажните Кенакс го пречекаа тимот на Минесота Вајлд. Пред почетокот на натпреварот, Кевин Фиала, еден од клучните играчи на Минесота, ја играше популарната детска игра „лист, камен, ножички“ со свој фан, а за возврат му даде хокеарски стап.
Горенаведениот играч го постигна и првиот погодок на мечот после една минута игра. Резултатот од 0-1 беше актуелен сè до воведните минути на вториот дел кога Џеј Бигл израмни на 1-1. До крајот на втората третина, Минесота повторно си ја врати предноста преку Лук Кунин. Третиот дел беше најефикасен со три постигнат погодоци. Два од нив беа дело на Џеј Ти Милер, напаѓачот на Ванкувер, кој израмнувачкиот погодок за 2-2 го постигна по асистенција на Квин Хјуз и Тајлер Тофоли. За Тофоли ова беше дебитантски натпревар во дресот на Ванкувер кој го одбележи со оваа асистенција. На пет минути пред крајот, Алекс Галченјук постигна гол за Минесота и го постави конечниот резултат од 3-3 после регуларниот дел. Во продолжението, Минесота имаше неколку добри шанси кои не успеа да ги искористи, па натпреварот беше одлучен после пенали. Пресуден беше десеттиот пенал односно петтиот на Минесота, каде што Галченјук повторно беше прецизен и ѝ ја донесе победата на Минесота.
Минесота со овој триумф останува во приклучок кон борбата за плејоф иако е единаесеттопласирана екипа на Западот. Од друга страна, Ванкувер, иако има само две победи во последните осум натпревари, сè уште е во одлична позиција за изборување плејоф.
Интересен момент од синоќешната претстава во Ванкувер беше и паузата помеѓу втората и третата третина. Имено, во овој период беше оддржана кратка трка со кучиња на ледената плоча.