Втор натпревар и втор позитивен исход за Македонија во квалификациите за ЕУРО 2020 во рамките на групата Г. На гостувањето во Словенија, македонските репрезентативци извлекоа реми од 1:1 за поделба на бодовите.
Во динамични прво полувреме први во водство беа словенците со голот на Зајц во 34. минута по одличната асистенција на Шпорар. Иако македонските репрезентативци имаа две шанси преку Пандев и Барди сепак на полувреме имавме негатива од еден гол.
Веќе на стартот веднаш во првата минута Алиоски искористи едно невнимание на десниот бек Стојановиќ, каде што му ја одзема топката и правовремено нафрли по земја во шеснесетникот, а таму Барди со прецизен удар успеа да го израмни резултатот.
До крајот на мечот словенците имаа теренска иницијатива, но без сериозни шанси за гол и ремито од овој натпревар е на задоволство на двете репрезентации. По две одиграни кола во групата Г Македонија нема пораз и има освоено 4 бода, додека исто Словенија нема пораз, но има две ремија и два освоени бода.



