Спустот во Гармиш-Партенкирхен во машка конкуренција беше екстремно неизвесен. Имено, до победата стигна Германецот Томас Дресен кој ја запиша својата прва победа после 30. ноември 2019 кога славеше на спустот во Лејк Луис. Победата на Дресен беше прва победа на Германец во Германија во категоријата на спуст после цели 28 години. Последен Германец што славел на спуст во Германија е Маркус Васмајер во 1992.
„Брутално е тоа што помина толку време. За мене ова е сон. Победувањето во Гармиш е многу посебно за нас Германците.” – изјави Дресен после трката.
На втората позиција заврши Норвежанецот Александар Омодт Килд со заостаток од шеснаесет стотинки, а Французинот Јоан Клери беше третопласиран (+0.17). Дури деветнаесет скијачи имаа заостаток помал од една секунда, а во првите десет завршија и Крихмајер, Генонг, Фојц, Хинтерман, Јансруд, Франц и Буци.



