Алтенмаркт беше домаќин на алпските скијачки во овој викенд, а на својата програма понуди спуст и алпска комбинација. На вчерашниот спуст славеше Корнелија Сутер пред Никол Делаго и Мишел Жизен.
Во првата серија од денешната алпска комбинација разочараа неколку фаворитки помеѓу кои беа Сутер, Жизен, Ребенсбург, Штухец, Влхова и Шифрин кои не го завршија своето скијање. Првопласирана после првата серија беше Федерика Брињоне пред Марта Басино (+0.22) и Венди Холденер (+0.50). Во втората серија, најбрза беше Холденер којашто од третата напредна до втората позиција на крајот на трката со заостаток од петнаесет стотинки. Ова беше трет подиум сезонава за Швајцарката и вкупно нејзин 35. во кариерата. На третото место заврши Басино која, исто како и Холденер, стигна до својот трет подиум сезонава и вкупно осми во кариерата. До победата стигна Брињоне, а за неа ова беше вкупно 12. победа во алпска комбинација и трета во низа во истата дисциплина. Во првите десет завршија и Зибенхофер, Куртони, Ледецка, Мирандоли, Гребли, Даневитз и Рајзингер.



