Се поблиску до пласман во 1/4 финале уште по првите натпревари од 1/8 финалната фаза се тимовите на Атлетико Мадрид и Манчестер Сити. На домашен терен на ,,Ванда Метрополитано” сосема заслужено до триумф од 2:0 дојде Атлетико Мадрид против Јувентус.
,,Јорганџиите” играа деструктивно, го пропуштија поседот на топката на противникот, но секогаш грешките ги користеја за брзи контра напади. Домашните фудбалери имаа многу зрели шанси за гол почнувајќи од Гризман, Коста и стоперите во тимот, а токму дефанзивците го решија натпреварот.
Најпрвин Хименез постигна гол за 1:0 во 78. минута, а неговиот партнер од одбраната Годин во 83 минута ги постави конечните 2:0 со кои што се во голема предност пред реваншот во Торино. Ако се знае податокот дека Атлетико до сега секогаш ја користеше предноста од првиот меч и овој пат шансите за пласман во наредна фаза се на нивна страна.
На вториот натпревар помеѓу Шалке 04 и Манчестер Сити на ,,Велтинс Арена” со пресврт до триумф стигнаа ,,граѓаните” со 2:3. Први во водство беа гостите кога во 18. минута преку Агуеро поведоа со 0:1. Сепак домашните фудбалери на полувреме заминаа со предност од 2:1 затоа што Бенталеб на два пати од пенал беше прецизен во 38 и 45 минута од првиот дел.
Во второто полувреме ,,Граѓаните” имаа нова неволја затоа што во 68. минута дефанзивецот Отаменди заработи втор жолт картон, кој значеше исклучување и играч помалку за составот на Пеп Гвардиола, кој сепак најде решение и во игра го внесе Лерој Сане кој довербата на менаџерот ја врати со постигнат еврогол од слободен удар во 84. минута за израмнување на 2:2.
За целосен пресврт се погрижи Стерлинг во 89 минута кога на асистенција на голманот Едерсон топката ја смести зад грбот на голманот Ферман. Манчестер Сити на реваншот на ,,Етихад” ќе има само рутинска задача да го завери пласманот во 1/4 финале.
Видео: Атлетико Мадрид 2 – 0 Јувентус
Видео: Шалке 2:3 Манчестер Сити



