Златан Ибрахимовиќ пред краток период ја прекина соработката со Лос Анџелес Галакси, па имаше голем број на шпекулации во врска со неговата нова средина.
Швеѓанецот ги разреши сите дилеми во врска со горенаведеното прашање објавувајќи кратко видео на Инстаграм на коешто беше прикажано неговото презиме напишано на дресот на шведскиот тим Хамарби.
Сепак, Златан во овој клуб нема да биде играч туку ќе има друга улога. Хамарби е претежно во сопственост на компанијата АЕГ Сведен која дури 50% од својот дел му продала на Ибрахимовиќ. Истата оваа компанија, во своја сопственост го држи и Лос Анџелес Галакси, па веројатно од таму стапиле лесно во контакт со Ибра.
„Хамарби е фантастичен клуб со страствени навивачи и е почитуван во Стокхолм и во Шведска. Отсекогаш го сакав клубот и неговите навивачи и импресиониран сум од достигнувањата на клубот низ последните неколку години, на и надвор од теренот. Мислам дека би било забавно и возбудливо да се биде дел и да се помага во напредувањето на Хамарби.” – истакна Ибрахимовиќ за официјалната веб-страна на клубот од Јоханешов.
Минатата сезона Хамарби се бореше за титулата до последното коло, но на крајот заврши на третата позиција со само поен помалку од шампионот Џургорден.



