Австралија и Велс го одиграа дербито на второто коло. Популарните „Змејови” уште во 30. секунда со дроп-голот на Бигар стигнаа до рано водство од 3-0. Веќе во 14. минута беше 10-0 за Велс откако Паркс постигна есеј, а Бигар успешно ја изведе конверзијата. Седум минути подоцна, Ешли-Купер постигна есеј за Австралија после една одлична акција и намали на 10-5. Во продолжение, Австралија преку пенал намали на 10-8, но Велс до крајот на полувремето направи одлична серија со двата пенали и конверзијата на Печел како и есејот на Дејвис после пресеченото додавање. На полувремето, „Валабис” имаа заостаток од 23-8.
На почетокот на вториот дел, Печел постигна дроп-гол и ја зголеми предноста на Велс на 18 поени. Тоа ја разигра Австралија која од 46. до 62. минута постигна два полни есеја преку Хејлет-Пети и Хупер. Во 68. минута Тоомуа беше прецизен од пенал и го однесе дуелот во екстремно неизвесна завршница. На осум минути пред крајот, Печел преку пенал ја врати предноста на Велс на четири поени. Резултатот од 29-25 беше актуелен сè до самиот крај.



