Пред некој ден, налетав на Интернет на еден многу интересен текст под наслов „Листата на задачи (To Do List) од Леонардо Да Винчи е многу по “Cool” од вашата”. Овие податоци, според текстот датираат некаде од 1490-тата година.
Ќе ви пренесам дел од неговите задачи/активности коишто ги имал запишано:
Пресметај ги димензиите на Милано и околината.
Откриј ги мерките на Corte Vecchio (градината на палатата на војводата).
Откриј ги мерките на самиот замок.
Најди експерт во аритметика да ти покаже како да се пресмета квадрат на триаголник.
Најди го Messer Fazio (професор по медицина и право во Павиа) да ти објасни за пропорции.
Сретни се со Brera Friar (од манастирот во Милано) да ти го покаже De Ponderibus (текст за механика од средниот век).
Разговарај со Giannino, да ти објасни како кулата од Ferrara е заѕидана без дупки (во текстот пишува, дека не се знае што мислел Да Винчи со ова).
Прашај го Benedetto Potinari (трговец од Фиренца) како одат по мраз во Фландрија.
Нацртај го Милано.
Прашај го Maestro Antonio како бетонот се поставува на основите, преку ден или ноќ.
Истражи го самострелот на Mastro Giannetto.
Најди експерт по хидраулика и прашај го како да се поправи затворањето, каналот и млинот според ломбардиски метод.
Прашај го Giovanni Francese за мерките на сонцето, како што ти вети.
(целиот текст може да го најдете на овој линк – линк направи го хајперлинк) http://www.openculture.com/2014/12/leonardo-da-vincis-to-do-list-circa-1490-is-much-cooler-than-yours.html
Ако ги разгледаме сите овие точки од листата на Да Винчи, покрај тоа што може да се забележи дека задачите што си ги поставува се сериозни и разновидни, нешто што ми остави голем впечаток (исто и на авторот на оригиналниот текст) е тоа што за многу работи тој се консултира и соработува со други експерти во своите области. Секогаш кога размислуваме за тие генијални и натпросечни умови, што живееле или живеат на планетава Земја, секогаш мислиме дека тие треба да знаат сè. Тоа ви е исто, кога го прашале Ајнштајн, т.е. кога се чуделе како не знае колку луѓе има во Индија, а е еден од најпаметните луѓе! Тој им одговорил дека нема потреба да знае, ќе отвори на Гугл (тогашниот) и ќе прочита.
Да бидете мудри и паметни не значи дека треба да знаете сè ,ако ги имате сите информации. Понекогаш мудрост значи да знаете каде и како да ги побарате и да ги најдете тие информации што ви требаат. Многу често ние сакаме сè да знаеме, сè да поседуваме и се чувствуваме „глупаво”, ако прашаме некого за совет, мислење или знаење. Но, кога може и Да Винчи да бара помош од други експерти во своите области, тогаш секако и ние не треба да се правиме паметни и да пробуваме сè да направиме самите.
Она што го прави еден генијалец, генијалец е:
- Љубопитност: интерес за различни области на работење.
- Посветеност: кога ќе се зафати за нешто не се откажува после првата пречка. Колку време ќе му треба на Да Винчи да го измери Милано!? А, не сум баш убеден дека тоа ќе му биде од некое големо значење во неговиот живот.
- Задавање на натпросечни задачи за решавање.
- Отвореност (купување на знаење од други експерти) без да посмета егото.
- Широковидност: интерес за различни работи, надвор од главниот домен на работа.
- Жртва: жртвување на времето, парите, енергијата, здравјето, со намера за остварување на зададените цели.
И уште многу други нормални карактеристики, секако. Но, една работа што може да ја научиме од Да Винчи е дека, ако не знаеме нешто, не е лошо да си го прашаме оној што знае.
Купувајте знаење од другите, и најважно употребувајте го тоа знаење.
Со успех во промените,
Петар Лазаров



