Вчера во Негорци, во близина на Гевгелија, свечено беше отворено третото издание на меморијалниот турнир во баскет 3х3 „Мите Тути“, настан кој од година во година собира сè поголем број учесници и посетители.
Отворањето се одржа во присуство на бројни љубители на спортот, пријатели и поддржувачи, кои дојдоа да оддадат почит и да бидат дел од оваа спортска и емотивна манифестација. Во рамки на церемонијата, беше интонирана химната на Република Македонија, во изведба на Боркица Мурчева, што му даде посебна свеченост на настанот.
Турнирот, кој се одржува од 16 до 19 април, е посветен на споменот на Мите Тути и има за цел преку спорт и дружење да го зачува неговото наследство. Организаторите истакнаа дека интересот за учество е голем, а атмосферата уште од првиот ден е исполнета со позитивна енергија, фер-плеј и спортски дух.
Во наредните денови ќе следуваат натпревари во повеќе категории, а кулминацијата ќе биде големото финале, проследено со дополнителна забавна програма.




