Струшанецот Ердал Лушо направи вистински потфат на Атлантикот! Македонскиот морепловец ја финишираше првата етапа од екстремната трка SAC-25 од Португалија до Канарските Острови на одличното трето место, по неверојатни седум дена и 39 минути постојано соло-пловење.
Лушо веќе цела недела е дел од спектаклот наречен „Светски предизвик на Атлантикот“ – трка што го тестира максимумот на човечката издржливост. Учесниците сами, без екипаж, треба да пловат околу 40 дена, борејќи се со силни ветрови, бранови и неизвесност, во обид да го преминат Атлантикот од Европа до Карибите.
Македонскиот авантурист не само што одлично се снајде на првата етапа, туку во моментов се наоѓа и во водечката група едрилици, што е огромен успех ако се знае колку е тешка и престижна оваа трка.Пред него следи уште поопасниот дел од мисијата – вистинската океанска борба. Но со ваков старт, Лушо јасно покажува дека е подготвен за големи работи.




