Теодор Симиќ беше најдобриот наш кошаркар на првиот дуел против светскиот првак одигран во Скопје. Тогаш најмладиот наш репрезентативец (сега во таа улога е Рубин Стефанов) одигра одлични 16.минути во кои реализираше 18.поени, за него рекордни во сениорската репрезентативна кариера. И тоа со одлична реализација во шутот од поле (6/8).
Пред дуелот во Сарагоса, младиот македонски центар вели дека не би имал ништо против да го потврди тој поединечен ефект, но сето тоа да биде во рамките „во служба на колективот“.
„Она што знам е дека ќе се обидам да го искористам секој даден момент, да ја искористам секоја минута на теренот која ќе ми ја даде селекторот. Не би имал ништо против, да ја повторам мојата игра во Скопје. Но, знаете, секој натпревар е посебна приказна. Реално, пред нас е веројатно најквалитетниот можен противник во Европа. Играме против нив, во Сарагоса, секако пред полна сала. Ќе биде тешко, многу тешко“- вели Симиќ пред дуелот закажан за вечерва во 19.30 часот, во „Павиљонот Принц Фелипе“ во Сарагоса.