Одбојкарките на Работнички Скопје триумфираа над Вардар жени 2019 со 3:1 (25:21, 25:13, 14:25 и 25:15) и израмнија на 1-1, така што за пласман во финалната серија ќе решава натпреварот во петок на којшто црвено-црните ќе играат на домашен терен.
Во малата сала на арената „Борис Трајковски“, освојувачките на двојната круна од 2019 им се реваншираа на ривалките за поразот на саботниот дуел од полуфиналето во разигрувањето за титулата, како и за загубениот дуел во истата фаза од годинашниот куп. Работнички Скопје беше поконцентриран, примаше подобро и како резултат на тоа ги користеше нападите преку Србинката Терзиќ и преку Стојанова, а освои дури осум поени повеќе од блок и од сервис, така што во поголемиот тек од натпреварот играше со значителна резултатска предност. Вардарки не можеа да организираат напад како последница на лошиот прием, па Кубанката Агуеро заврши со скромен ефект од 11 поени, а Ковачевиќ забележа 13. Кај Работички Скопје, Терзиќ освои 17, а Стојанова 10.
Мајсторката меѓу Вардар жени 2019 и Работнички Скопје, ќе се одигра во петок, со пренос на Македонската телевизија на кој ќе се одлучи кој ќе се спротистави на Јанта Волеј кои вторпат ја совладаа екипата на Струмица жени, денеска со 3:0 (25:22, 25:21 и 25:19) на гости и со 2-0 во победи ја минаа полуфиналната серија од разигрувањето.