Екипата на Пелистер лесно го совлада Кожув, и ја продолжи серијата на победи во домашниот шампионат. По четири кола, заедно со екипата на ТФТ се единствените со максимален ефект, но поради подобриот кош-количник, „пелистерци“ се бројот 1.
ПЕЛИСТЕР – КОЖУВ 96:67
Гостите од Гевгелија почнаа подобро. Но нивното почетно водство (7:1), не „траеше“ долго. По нецели осум минути, Пелистер го сврте резултатот. Поведе со (19:13), за гостински тајм-аут. Не помогна, затоа што „бело-зелените“ ја продолжија серијата на поентирање за уште повисоки (22:13). Четвртината домашните кошаркари ја затворија со слична предност, (25:17). Кесар и Малешевиќ имаа по седум поени, додека Симоновски даде десет од оние 17 на екипата од Гевгелија.
Со нови десет поени, за само две и пол минути од вториот период, „пелистерци“ се искачија на (35:17). А по тројката на капитенот Трајковски, веќе имаа двојно повеќе дадени од примени поени (38:19). И втора минута за одмор и совети, за кратко време која ја потроши тренерот на Кожув, Павле Николов.
Но и тоа не донесе сериозна промена во неговата екипа, кој и на оваа средба играше со доста кратка ротација, а во која се некако се очекуваше од троецот Николовски-Симоновски-Вилијамс (искомбинираа 24 од 30.поени на гостите). По 17.минути, Пелистер имаше и највисоки (46:24).
А по новата тројка, пред звукот на сирената, која дојде од Караџовски, на полувремето битолчани водеа со (49:30).
Притиснаа уште повеќе по големиот одмор. И по тројката, и 16.поен на Трајковски, во само три и пол минути од продолжението, имаа недостижни (64:35), доволно за нови главоболки за тренерот Николов и и екипата која ја води во оваа сезона. Онаа коај заедно со новакот Ангели, се единствените без триумф во овие четири кола од шампионатот.
На крајот, со 17.поени, прв стрелец на Пелистер беше Младеновски, по еден помалку имаа уште два високи играчи, Кесар (плус 10 скока) и Трајковски (девет скока). Кај гостите од Гевгелија, Николовски даде 22.поени, а екс-играчот на Пелистер, Чез Вилијамс имаше еден поен помалку.
ТФТ – МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА 91:85
ТФТ отвори со (13:6) во првите пет минути од дуелот во „Кале“. Но гостите брзо се консолидираа, се вратија со мини-серија од (13-7), за минимална негатива од (19:20), како што беше по осум минути игра.
Не се задоволија со тоа, па младите „металци“ дури и го преземаа водството (25:23) во последната минута од четвртина која сепак заврши со егал резултат (25:25) како што и беше играта во првите 10.минути.
Оние вторите, во целост им припаднаа на момците во „црно-бела“ комбинација. ТФТ заигра во свој стил, пред се ефикасно, посебно во втората „половина“ од втората четвртина.
Од плус 4 (38:34), до крајот на првото полувреме направија парцијални (16-5) за убедливи (54:39). Костоски и Сапунџиев имаа по десет поени, плејмејкерот и шест додавања до соиграчите, додека пак Рансом и Петровски искомбинираа 20.поени за екипата-гостин.
Каде застана во првото, домашната екипа продолжи по одморот. Го притиснаа противникот во одбраната, направија нова серија, сега од (15-6) со која се одалечија на недостижни (69:45).
Но до крајот требаше да се доиграат цели 13.минути, а младите кошаркари на МЗТ Скопје Уни Банка, не „кренаа раце“, напротив…
На две и пол минути пред крајот, дојдоа до минус од само пет поени (76:81). Хортон и Маслинко ги искористија наредните два напади, и го вратија својот тим на сигурна разлика (85:78). Но и тука не беше крајот, гоститр одговорија со пет поени, преку Митевски и Блажевски. Па последните 40.секунди беа и најдраматичните на мечот во „Кале“. Ги реши лидерскиот тандем на ТФТ, Хортон-Маслинко, со две последувателни атракции.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 4. КОЛО
ФЕНИКС 2010 – АНГЕЛИ 83:80
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КУМАНОВО 2009 86:71
ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ 91:65
ТФТ – МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА 91:85
НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – ЕУРО НИКЕЛ 2005 75:53
ПЕЛИСТЕР – КОЖУВ 96:67
ТАБЕЛА: ПЕЛИСТЕР 8, ТФТ 8, ГОСТИВАР 7, МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 7, РАБОТНИЧКИ 7, НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП 6, ФЕНИКС 2010 6, МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА 5, ЕУРО НИКЕЛ 2005 5, КУМАНОВО 2009 5, АНГЕЛИ 4, КОЖУВ 4
ИДНО КОЛО (30.10)
МЗТ СКОПЈЕ УНИБАНКА – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ПЕЛИСТЕР
КУМАНОВО 2009 – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП
РАБОТНИЧКИ – ТФТ
АНГЕЛИ – ГОСТИВАР
КОЖУВ – ФЕНИКС 2010