Синоќа во НБА лигата тимот на Далас, по продолжение славеше над Њу Јорк со 126:121.
Мечот е интересен поради тоа што гостите имаа 9 поени предност 103:112 во завршните 33 секунди од регуларниот дел, но домаќините го имаа неверојатниот Лука Дончиќ кој оствари ново историско постигнување.
Најнапред Дончиќ на 4,2 секунди до крајот, погоди едно слободно фрлање, за второто да го промаши намерно. Но, Словенецот стигна до топката и со кош на секунда пред крајот израмни за продолжение 115:115.
Маестралниот Лука Дончиќ натпреварот го заврши со вкупно 60 поени, на кои придодаде и 21 скок и 10 асистенции. Со ваквиот учинок тој стана првиот играч во историјата на НБА што остварил трипл-дабл и воедно го постави новиот клупски рекорд.