Шпанецот дефинитивно ќе учествува на првиот сезонски грен слем турнир Австралија опен без разлика што уште не се знае кога точно ќе се одржи.
Турнирот во Мелбурн првично беше закажан за старт на 18 јануари и да трае до 31 истиот месец, но најверојатно ќе почне нешто подоцна. Австралија има сериозно строги протоколи за заштита од Ковид-19, па тенисерите ќе мораат да бидат во карантин 14 дена пред да стапнат на терен.
Менаџерот на Надал потврди дека моментално светскиот рекет број 2 сигурно ќе настапи во Мелбурн.
„Надал потврди дека ќе патува во Мелбурн и дека ќе настапи на Австралија опен“, изјави Бенито Перез-Барбадилјо, менаџерот на шпанскиот тенисер.
Надал во кариерата само еднаш го освои Австралија опен и тоа во 2009 година, а четири пати беше поразен во големото финале. Ова би било 15-то учество за него на грен слемот во Мелбурн. Од елитните тенисери засега не е потврдено учеството на Роџер Федерер, кој и натаму не е целосно подготвен по операцијата на коленото минатата година.
Швајцарскиот ас пред неколку дена соопшти дека неговите шанси да се најде меѓу најдобрите на Австралија Опен се минимални, додека Надал со потврдата дека ќе патува за Мелбурн ги израдува своите фанови.



