Милијана Рељиќ продолжува со одличните настапи на меѓународната сцена. Најдобрата македонска спортистка за 2024 година освои бронзен медал на Отвореното Светско првенство за жени Г-4 во Таијуан, Кина.
Во категоријата до 62 килограми, каде настапија 43 натпреварувачки, Рељиќ имаше импресивен настап. Во првото коло со 2:0 ја совлада домашната натпреварувачка Јијао Санг, а потоа по голема борба ја елиминираше Узбекистанката Мохидил Уктамјонова со 2:1.
Следуваше четвртфиналето против Чиа Веи Ванг од Тајпеј, кое донесе вистинска драма. Милијана во втората рунда губеше со 0:4, но на само две секунди до крајот изведе фантастичен удар со левата нога, освои шест поени и направи неверојатен пресврт за победа од 6:4 и пласман во полуфиналето.
Таму Рељиќ се сретна со Русинката Софија Мотлок. Во исклучително изедначена борба македонската таеквондистка беше блиску до финалето, но Мотлок славеше со 2:1 во рунди.
Сепак, бронзата е голем успех и носи дополнителни 14,4 поени на олимписката ранг-листа. Со нив Рељиќ ќе направи значаен скок кон првите 16 позиции и продолжува да чекори кон остварување на големата цел – обезбедување олимписка норма за Лос Анџелес 2028.




