Македонија има нова ракометна генерација која полека, но сигурно го потврдува својот квалитет на европската сцена. Македонските кадети го освоија 9. место на Европското првенство во Белград, повторувајќи го успехот остварен пред две години.
Во решавачкиот натпревар за пласман, Македонија одигра одличен меч и убедливо го совлада Израел со 39:29, со што турнирот го заврши на најдобар можен начин.
Најефикасни во македонскиот состав беа Горазд Дамчевски и стружанецот Стефан Ѓоргиевски, кои постигнаа по осум гола и беа вистинска закана за израелската одбрана.
Посебно признание заслужува и Ѓорѓи Николовски, кој имаше фантастичен настап меѓу стативите. Македонскиот голман забележа дури 16 одбрани, давајќи огромен придонес во убедливата победа.
Со втор последователен пласман на 9. место на ЕП, оваа генерација испраќа јасна порака дека македонскиот ракомет има сериозна иднина.
Ако продолжат со ваков развој, овие момци допрва ќе имаат што да покажат на големата сцена.




