На Националното мултиспорт првенство во Мичеген (САД), младиот македонски триатлонец Јован Кутаноски освои прво место во својата категорија на супер спринт дистанца, уште еднаш покажувајќи дека македонските спортисти успешно се носат и со најсилната меѓународна конкуренција.
Трката се одржа во исклучително тешки временски услови, со температура на водата од само 18 степени, силен ветер и дожд, што дополнително го отежна настапот на сите учесници. Сепак, Јован успеа да ја заврши трката како најдобар во категоријата до 12 години и да го освои златниот медал.
Особено значајно е што тој беше единствениот натпреварувач од Европа, претставувајќи ја Македонија на овој престижен настан и правејќи ја државата повторно горда.
Во конкуренција од вкупно 109 натпреварувачи на возраст од 6 до 66 години, Јован го освои одличното 14. место во генерален пласман.
Овој успех претставува само увертира за неговиот следен голем предизвик — настапот на Европскиот куп во триатлон во Романија, каде младиот македонски спортист ќе се обиде да продолжи со одличните резултати на меѓународната сцена.




