РК Алкалоид одржа прес-конференција на која го најави реваншот со бундеслигашот РК Хановер-Бургдорф во квалификациите за Европската лига на ЕХФ. Натпреварот се игра во сабота со почеток од 19:30 часот во салата „Автокоманда“, а ќе биде посебен момент за тимот затоа што пред стартот на мечот ќе го добие пехарот во Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето.
„Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент. Со помош на нашата публика ќе се бориме. Пред мечот го добиваме и пехарот во Европскиот куп, па затоа ја повикувам јавноста во сала, прво да се израдуваме на пехарот заедно, па потоа да бидат наш осми играч“ – изјави капитенот Игор Ѓорѓиев.




