Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во осминафиналето на турнирот во Виена откако во првото коло го совлада сонародникот Филип Крајиновиќ во два сета.
Првиот носител потешко од очекувањата го победи Крајиновиќ и тоа со 7:6,6:3 на стартот на турнирот во кој се враќа по пауза од 13. години. Ѓоковиќ одлучи да настапи на турнирот во главниот град на Австрија само за да собере доволно поени и да ја заврши годината на првото место на АТП ранг листата, а за тоа му е потребна уште една победа.
Големата борба во првиот сет му припадна на Ѓоковиќ дури во тајбрејкот иако на стартот водеше со 3:1. Помладиот српски тенисер возврати со серија од четири гема и поведе во 3:5 но не можеше да го задржи својот сервис, Ѓоковиќ прво израмни на 5:5, а потоа во тајбрејкот дојде до водство од 1:0 во сетови.
И вториот сет започна идентично, Ѓоковиќ поведе со 3:1, но сега ја задржа предноста и со сигурен сервис го приведе дуелот до крајот. Нареден противник на Ѓоковиќ во осминафиналето ќе му биде Хрватот Борна Чориќ кој беше подобар од Американецот Тејлор Фриц.
Сигурен настап имаше и Григор Димитров кој со идентичен резултат како и Ѓоковиќ (7:6,6:3) го совлада Карен Качанов од Русија, додека словенечкиот тенисер Бедене поради повреда го предаде мечот против Британецот Еванс.