По ремито на Наполи со Торино, тренерот Џенаро Гатузо зборуваше за своите здравствени проблеми. На мечот со Лацио, тој екипата ја водеше како пират, со превез преку десното око, а прескокна и неколку интервјуа бидејќи состојбата со видот му се влоши. Гатузо некогаш гледа двојно, некогаш капакот на окото му се затвора.
„Не е проблемот само во тоа што изгледа грозно, туку и дека се чувствувам исцрпено поради тоа. Замислите како е 24 часа на ден да гледате двојно. Само лудак како мене би продолжил да прави работи кои јас ги правам. На светот има и многу полоши работи. Ме боли што некои луѓе пишуваа дека ми останал само уште еден месец живот и дека умирам. Сакам да ги уверам сите дека тоа не е точно, а кога ќе умрам, сакам да ме однесете на стадион, таму беше мојот живот“ – изјави популарниот Рино Гатузо.