По речиси 20 години поминати во НБА, Пау Гасол се врати во тимот каде што започна, во Барселона. Гасол има 40 години и речиси две години воопшто не беше активен на кошаркарскиот терен, но сега реши повторно да заигра и тоа во неговиот омилен клуб.
Шпанецот сега се согласи со Барселона да потпише до крајот на сезоната и тоа за неверојатно ниска плата од само 7.500 евра месечно, откриваат шпанските медиуми. Заедно со бонусите и додатоците, до крајот на сезоната, Гасол ќе заработи вкупно 68.337 евра, сума која е неверојатно ниска за кошаркар кој шест пати бил дел од Ол стар тимот во НБА лигата.
Гасол во 1998 година дебитираше за Барселона и играше за каталонскиот гигант до 2001 година, кога реши да замине во НБА. Во најсилната лига играше за Мемфис Гризлис, Лос Анџелес Лејкерс, Чикаго Булс, Сан Антонио Спарс и Милвоки Бакс.