РК Еурофарм Пелистер официјално го претставува првото засилување во 2021 година. Нов член на клубот е репрезентативецот на Египет, Карим Хандави. Најдобриот египетски голман доаѓа во Битола како големо засилување за голманската позиција.
Хандави потпиша договор и официјално ќе биде претставен штом ќе му завршат репрезентативните обврски на Светското првенство. Хандави има 32 години, долго време е најдобар египетски голман и стандарден репрезентативец, а има и акумулирано искуство од настапи во Европа.
По искуството во Замалек, во шампионатот на Египет, Хандави мина две сезони во првакот на Турција, Бешикташ, а последен клуб за кој настапуваше е романската екипа Доброгеа Суд.
Новиот голман на битолскиот клуб висок е 188 сантиметри и важи за импулсивен голман, а со египетската репрезентација освои злато на Африканскиот шампионат во 2016 година на домашен терен и во 2020 година во Тунис. Клубот ќе го претстави во Битола по завршувањето на Светското првенство, кога ракометарот ќе се јави на тренинзите на Жељко Бабиќ.
Извор и фото: RK Eurofarm Pelister