Агенцијата за млади и спорт синоќа на свечена церемонија ги избра најдобрите спортисти во Македонија за 2023 година.
Најдобар спортист за 2023 година е кик-боксерот Бобан Илиоски, кој стана светски шампион во лоу кик во категорија до 86 килограми и освои бронзен медал на европското првенство во маи таи.
Најдобра спортистка во женска конкуренција за 2023 година е Мери Акиевска. Акиевска е тројна светска шампионка во боди-билдинг.
За најдобар млад спортист е прогласен каратистот Витомир Трајковски, додека најдобра млада спортистка е каратистката Милијана Рељиќ.
За најдобар тренер-селектор е прогласен Дејан Митровски, предводник на репрезентацијата во маи-таи и кик-бокс.
Наградата за најдобра женска репрезентација ја доби сениорската ракометна селекција на Македонија, а за најдобра машка репрезентација беше избрана одбојкарската репрезентација на Македонија.
Најуспешна федерација е Одбојкарската која успешно организираше една од групите на Европското првенство во сениорска конкуренција.
За најуспешен спортист со инвалидитет беше избран пливачот Андреј Стојаноски.




