Македонската ракометна репрезентација ја исполни главната цел на Светското првенство во Египет, а тоа е пласман во главната фаза. Селекторот Данило Брестовац е задоволен и цврсто стои на неговата одлука на овој Мундијал да се промовираат неколку нови млади ракометари. Дел од тие млади репрезентативци кои се промовираа се: Танкоски, Костески, Мишевски, Димитриовски и Цветан Кузманоски.
„Не може да го споредуваме дуелот со Чиле со претходните два. Се работи за поинаков начин на подготовка, тука беше и процесот на аклиматизација на условите. Сега е поинаку. Не се сомневав дека ќе го победиме Чиле. Презадоволен сум од настапите на одреден играчи. Мислам дека вие, но и јавноста почнавте да им верувате на младите играчи“, изјави Брестовац на пресконференцијата.
Македонија сега ја очекуваат три нови меча во главната фаза. Првиот дуел го играме утре во 15:30 часот против Словенија, а потоа следуваат и дуелите против Русија и Белорусија.